Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

Dobri Stavreski

...неповторливиот Добри Ставрески, еден од најубавите гласови на македонската народна музика, човекот што при посетата на Њу Јорк во шеесеттите години од минатиот век го доби прекарот македонскиот-Карузо. Уметник и боем што остави неизбришлива трага во македонската народна музика пеејќи ги на уникатен начин најубавите староградски песни како: Сношти минав покрај вази, Си заљубив едно моме, Сум се родил Мераклија, Са ноќ седам Трено, Доста време ерген одев и уште многу други, потекнува од Јабланица.



Мојата Јабланица


Погледни, погледни во бескрајот!

Таму каде што Стрижак гордо се издигнува до оловното небо, ретки гласови ја сечат тишината, а Ѕвездица диво и споулавено се втурнува низ клисурата, напролет, штом почнат да се топат снеговите или го вознемирува речиси подзаспаното августовско пладне.

Таму каде што Радуч завидливо гледа во ѕвездениот мозаик, чудесен хор од камбани го најавува доаѓањето на уште еден Илинден, а ноќта мириса на свежо покосена папрат, таму е мојата Јабланица.

Погледни, погледни во бескрајот!

Таму каде што каменот одамна престана да зборува, полека, едно по едно згаснуваат родните огништа, а детскиот џагор засекогаш ги напушта цветните ливади.

Таму каде што дом ни се бескрајните патишта, а таргачот постанува наша судбина, и таму е мојата Јабланица.

Погледни, погледни во бескрајот!

Таму до каде што ти допира погледот, таму до каде што ти стигнува мислата, до таму е мојата Јабланица.


Почитувани посетители !

mojatajablanica.com е личен и скромен обид на група ентузијасти, за прв пат преку сопствена веб страница да се претстави селото Јабланица во светот на интернетот, а истовремено да постане простор каде што ќе можат да се добијат голем број информации поврзани со животот во селото. Страницата е информативна со скромна содржина која ќе биде повремено ажурирана. За некои содржини користени се материјали од неколку автори:

- Лекоски Цветан - Долни Дримкол;
- Повеќе автори - Струга и Струшко;
- Филиповиќ Миленко - Дебарски Дримкол;
- Марјан Покропек и Томаж Стрончек - Споредбена Монографија на македонското село Јабланица и полските села Пјентки и Твароги и
- Услови и перспективи за развој на туризмот во Струга и струшко со осврт на Јабланица ( дипломски труд на Горан Цоклески)

Страницата е со забавно - информативна содржина и не претендира да биде научно четиво, најголемиот дел од материјалите е авторски и би било учтиво доколку се искористат да се наведе изворот.

Голема благодарност за техничката поддршка кон Лекоски Душко и Радески Јонче

Доколку имате некакви забелешки, идеи па дури и критики слободно можете да не контактирате на нашата Контакт страница, за поважните информации посетете ја страницата Информации, за најновите настани посетете ја страницата Најнови Вести.