Дали сте знаеле дека ...
...Јабланичанката Елизабета Пејчиноска успешно ја гради својата актерска кариера во Холивуд. После завршувањето на Краус Конзерваториумот во Виена и многубројните улоги во Националниот Театар од Виена, Елизабета во 2007 го сними филмот Revanche кој што беше номиниран за Оскар во категоријата за филм од неанглиско говорно подрачје.
После тоа се преселува во Лос Анѓелес, Калифорнија каде што играше во филмот Jackrabitt во режија на Дајан Амбрусо. Освен што работи на неколку куси филмови се јавува и како автор и продуцент на еден краток филм Beverly Hills Rehab.
24 септември 2012 год.
Подготовки за прославување на празникот „Голема Недела“
И годинава, традиционално, во манастирот Св. Илија во село Јабланица, на 30 септември се организира црковно-народен собир.
Собирот не е поврзан со одреден верски празник туку секоја година се организира во првата недела после празникот „Воздвижение на Чесниот Крст“ (Крстовден), ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ кој што пак секогаш се празнува на 27 септември.
Годинава на 30 септември (недела) се празнува празникот „Светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“. ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ
Активностите околу подготовките за празнувањето како и градежните работи се во завршна фаза.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ПОТКРЕПЕНИ СО ФОТО-МАТЕРИЈАЛ ЌЕ ИМА ВО СЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Како што е познато послугата за приготвување и послужување на храната се менува секоја година по претходно воспоставен ред по принципот на ротација на маалите во селото, оваа година за тоа е задолжена маалата Топлец.
За сите љубители на природата и кампувањето празнувањето почнува уште во претходните денови, а годинава, се надеваме дека посетителите ќе бидат изненадени од многубројните позитивни промени.
За Јабланичани и воопшто сите Долно-Дримколци овој собир има култно значење и кај народот го носи името „Голема Недела“.
ЗАТОА ВЕ ПОВИКУВАМЕ ЗАЕДНО ДА ЈА ПРОСЛАВИМЕ НАШАТА „ГОЛЕМА НЕДЕЛА“
Св. Илија ја спасил Јабланица
Помеѓу населението во Јабланица сеуште живеат преданијата за чудотворната сила на манастирот Св. Илија, иако се пренесувале од генерација на генерација не ја изгубиле вистинската форма, но едно предание зазема посебно место во колективната меморија на јабланичанецот, а тоа е преданието за тоа како Св Илија го спасил селото Јабланица.
Некогаш, многу одамна, група качаци од соседна Албанија, наумиле да го запалат манастирот Св. Илија и селото Јабланица.
Прекрасен есенски ден се распослал над Јабланица. Скржавто есенско сонце брзо се лизгало по синиот хоризонт, по сртовите како немирни деца подскокнувале мали пердувести облачиња жуборот на кладенците и шумолењето на буките ја пресекувале совршената тишина, ништо не навестувало дека може да се случи таков ужас.
Како што се доближувале до манастирот, времето почнало да се менува, густи магли почнале да лазат од кај Стрижак и Радуч, а, малите облачиња како некоја невидлива сила да ги ги престорила во големи оловни џинови и за час го прекриле синото небо.
Денот постанал ноќ.
Тогаш во маглата се појавил Св. Илија со крст во рацете и ги прашал каде тргнале, откога му кажале, им рекол дека ќе им го покаже патот.
Гонети од својот уривачки нагон, долго талкале качаците низ невремето се додека не ги здогледале првите куќи. Како бесни кучиња се втурнале и почнале да палат од куќите се додека не се свестиле дека го палат сопственото село.
За оваа случка можеби и ден денес никој немаше да дознае, ако некој од учесниците, сакајќи да си ја олесни душата пред Бога и луѓето, не раскажал за чудото кај манастирот Св. Илија во Јабланица на некој јабланички гурбетчија во Албанија.
Од тогаш, жителите на селото Јабланица, во првата недела после Крстовден организираат црковно-народен собир, во знак на благодарност и сеќавање на чудото што се случило во манастирот.
Пророк Св Илија
Секој пророк е осаменик, зашто малкумина се тие кои што заглавени во своето самозадоволство, его и гордост сакаат да слушаат глас кој што постојано ги прекорува и повикува на промени.
Св Илија „пророкот над пророците“ е гласот на Бога, што се јавува како гром од ведро небо, а на луѓето останува да го слушнат и разберат тој глас. Тој бил одлучен, бескомпромисен и бестрашен борец аскет што не се повлекувал пред ниеден предизвик, затоа што во себе ја носел силата на Бога.
Со исчезнувањето на Св Илија на „огнени кочии и коњи“ тој никогаш не умрел, Св Пророк Илија е „жив светец“, секогаш подготвен да помогне.
Покрај Мојсеј, Св Илија е најзначајна фигура во Стариот Завет и еднакво е почитуван помеѓу православните и католиците, муслиманите и евреите.
Св Пророк Илија е заштитник на нашата земја Македонија и на нашето село Јабланица. Не случајно најважните настани во македонската историја се случувале на 2 август (Илинден) Битката кај Херонеја 338 год. п.н.е., Илинденското Востание во 1903 и Првото Заседание на АСНОМ 1944 година.