Историјат
Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

FK Vardar

... во сезоната 1986-1987 година фудбалскиот клуб Вардар од Скопје постана шампион на Југославија.

Во славната Вардарова генерација покрај големите имиња како Дарко Панчев, Васил Рингов, Илија Најдовски, Драги Канатларовски, Тони Савески настапуваше и Јовко Бизимоски (последниот на сликата десно)

Посебна чест за Јабланица беа неговите настапи на традиционалниот Илинденски турнир во Луково и покрај професиналните обврски. Всушност тоа беа и деновите кога турнирот го доживеа најголемиот сјај благодарејќи на присуството на голем број професионални фудбалери со потекло од Модрич и незаборавните натпревари помеѓу Јабланица и Модрич.

Историјат


     Името на селото за прв пат се спомнува во периодото од 1342-1345 година, во Душановата повелба за манастирот Св. Богородица-Перивлепта во Охрид.

Меѓутоа самиот податок дека токму низ селото одамна поминувал еден крак од патот Виа Игнација што ги поврзувал градовите Охрид (Лихнидос) и Струга (Енхалон) со Елбасан (Масио Скампа) и Драч (Дурациум), случајно пронајдените предмети од обработена керамика, метал и накит, како и одредени топоними што асоцираат на римскиот период, се доволен доказ дека тука имало населба уште од дамнешни времиња.

Првиот попис на населението во кој се спомнува Јабланица како населено место датира од 1466 година, односно направен е 10-тина години после востанието на Ѓорѓија Кастриот некаде познат како Скендербег.

Според тој попис селото административно припаѓало на Охридската Каза и имало статус на дервенџиско село, но по долги расправии помеѓу Дебарската и Охридската Каза во 16 век административно припаднало кон Дебарската Каза. Во периодот на пописот во селото имало 20 домаќинства, селото плаќало данок од 3026 акчиња односно една третина од целокупниот данок од Долни Дримкол.

Селото Јабланица исто како и другите села од Долни Дримкол, независно од нивната волја биле активни учесници во востанието на Ѓорѓија Кастриот. Едно од најсилните утврдувања на востаниците било калето во Јабланица. Според една локална легенда причината за неуспехот на востанието била токму завземањето на калето во Јабланица. Сепак причините за неуспехот на востанието биле подлабоки и покомплексни, барем според тоа што може да се прочита од историската литература.

После задушувањето на востанието, животот на селаните станал уште потежок. Уште посилно продолжиле репесиите врз сиромашното селско население, секој ден се повеќе се згомемувале давачките како кон Империјата така и кон самопрогласените феудални заштитници.

Во периодот под Османлиско ропство се појавувале одредени индивидуални форми на отпор, но за некој посериозен облик на организиран отпор не може да стане збор. Таков е примерот со свештеникот Арсо Лекоски кој во 1898 година заедно со селаните водел неколкудневни борби со албанските качаци обидувајќи се да ги поврати украдените овци. Следната година, после завршената богослужба во црквата во селото Безево бил ѕверски убиен држејќи го цврсто во раце сребрениот крст.

Ваквите секојдневни настани по населените Дримколски села влијаеле да се разбуди и разгори националната свест кај населението која со години била потискана.

Првите посериозни облици на отпор се јавуваат кој крајот на 19 и почетокот на 20 век, тогаш всушност и се формирала Дримколската востаничка чета составена од борци од Долни Дримкол.

Cvetan Vojvoda

Пролетта 1902 год Дримкол го посетил војводата Никола Русински со Охридската околиска чета, помагајќи при формирањето на Дримколската чета. Четата броела 20-тина члена а прв нејзин војвода бил Цветан Ѓероски. После неуспехот на Илинденското востание во четата почнале да се јавуват облици на фракционерство така при сеуште недоволно разјаснети околности во 1906 година подмолно е убиен храбриот војвода Цветан Ѓероски.

Додека се случувале овие настани непријателот не мирувал, па така секојдневно се засилувале туѓите пропаганди раскинувајќи го македонското ткиво на овој простор. Познати се примерите кога во селото имало различни училишта и цркви.

Периодот помеѓу балканските војни бил крвав период за Јабланица. Во борбата за превласт помеѓу албанските качаци, бугарските егзархисти и српските четници страдало невиното македонско населние. Таков е примерот кога во текот на 1913 година албанските качаци заклале 16 души а српските четници предводени од познатиот крвник Василије Трбиќ убиле тројца членови на ТМРО меѓу кои и свештеникот Наум Пејчиноски.

Во времето на Балканските и Првата Светска Војна состојбата воопшто не се променила, напротив јабланичаните како и безброј други Македонци ги оставале животите на туѓите боишта бранејќи туѓи интереси.

Појавата на социјалните движења во Европа и светот во периодот пред Втората Светска Војна ги натерал жителите на овој простор без размислување да се вклучат во новите прогресивни движења надевајќи се на подобар живот. Јабланичани активно се вклучиле во антифашистичкото движење. Како активни учесници во НОБ, седуммина ги положија своите животи на Сремскиот Фронт. Нивните имиња ќе останат вечно врежани во колективната меморија на јабланичаните, а тоа се: Велоклењоски Максим, Ѓерѓески Јаким, Лекоски Русе, Лекоски Петре, Шикулески Павле, Долински Трендафил и Христоски Јордан.

Периодот после Втората Светска Војна па се до средината на шеесеттите години на минатиот век може да се смета за период на просперитет на селото. Се пробиваат патишта се градат водоводи и се врши електрификација на селото. Но како резултат на погрешната економска политика на државата кон овие краишта почнува масовна миграција на населението од Јабланица.

Денес Јабланица ги преживува најтешките мигови од своето постоење предизвикана од незапирливата миграција заради неможноста да се обезбедат основните егзистенцијални потреби, бескрупулозната експлоатација и уништување на природните и културни вредности и негрижата на инситуциите на државата за потребите на населението од овој крај.