Дали сте знаеле дека ...
...Во 1995 год., на најпознатиот рок фестивал во Македонија, Рок Фест, првенствено наменет за промоција на млади рок групи, манифестација од каде што произлегоа многу влијателни македонски рок групи како Архангел, Мизар, Клержо, Ареа, Зијан и др., победи групата Кентаур од Штип.
Групата негуваше grunge алтернативен стил и доби најпозитивни критики од познатите македонски рок критичари. Текстовите за првиот албум, едноставно наречен "1996" ги напиша јабланичанецот Горан Цоклески.
Обичаи во село Јабланица
Животот во Јабланица од секогаш бил поврзан со практикувањето на низа обичаи. Многу од тие обичаи се поврзани со православната христијанска традиција, а многу од нив сеуште содржат пагански предхристијански елементи. Доколку се направи обид за некаква подлабока анализа за значењето на одредени обичаи или нивна класификација тогаш ќе бидат потребни цели тимови на стручни лица од повеќе области и томови научна литература.
Група маскирани Василичари
Иако, скоро и да нема некаква животна активност во селото која што не е поврзана со практикувањето на некаков обичај, од извршувањето на земјоделските работи, одењето на печалба, преку семејните веселби и уште безброј други работи, фокусот ќе биде ставен на еден хронолошки приказ на обичаите поврзани со прославувањето на христијанските празници.
Во верувањата на луѓето од Јабланица посебно место има периодот од Божик до Водици. Овие 12 денови се познати како некрстени денови и во нив се избегнува започнување на секакви поголеми работи важни за егзистенцијата на семејството. Во склоп на христијанската традиција, како во многу други места во Македонија, се верува дека во овие денови постојат голем број на демони и лоши духови, па преку изведување на одредени обредни активности се прави обид за спречување на нивните лоши влијанија.
На Бадник во дворот на соборната црква Св. Илија се сече Бадниково дрво и се пали коледарски оган. Секоја година се избира кум според старата традицијата на пронаоѓање на паричката во лебот. Кумот е еден вид домаќин и ги послужува присутните со скромни пијалоци и посни јадења.
Се продолжува со празнувањето на Божик со посета на трите цркви во текот на трите дена и посета на соселаните.
За Василица во овој крај познати се oдењето на вода со погача и киска од зелени гранчиња и босилек како и Џамаларските обичаи за маскирање. Учесниците во церемонијата се маскираат во разни маски, најчесто тоа е имитација на свадба каде што се присутни невестата, младоженецот, кумот, попот и други учесници. Тие пеат обредни песни и свират на народни инструменти, а интересно е и користењето на разни ѕвонци и клопотарци.
Празнувањето на Водици трае 3 дена, се собираат учесниците во крстовите и заедно го прославуваат празникот. Карактеристично е посетата на домовите со котлињата со крст и скокањето во вода, но за разлика од многу други места овде нема натпревар и борба за фаќање на крстот. Стариот кум му го предава кумството на новиот кум, се оди на топла ракија кај новиот кум а на вечера кај стариот кум.
Низата на пролетни празници почнува со прославувањето на Велигденски Поклади или (Прочка). Преку целиот ден се врши посета на пријатели и роднини и се бара прошка за направените грешки. Вечерта во кругот на семејството се подготвува богата трпеза, а интересен е обичајот на амкање јајца за кој што се особено заинтересирани малите деца. Надвор се палат огнови (обично од слама) наречени лобарди и се пеат обредни песни.
Празникот Летник го означува доаѓањето на пролетта и почетокот на нов природен циклус и сите обредни активности се одвиваат во таа насока. Се прават украси од црвен и бел конец наречени моњаци (мартинки) кои што се носат на рацете. Постои верување дека годината што доаѓа ќе биде таква каков што ќе биде денот, и затоа се прави обид да се задржи позитивната енергија што подолго. Се почнува со фаќање на лесково и дреново гранче и јадење нешто слатко. Девојчињата ги посетуваат домовите на соседите, со себе носат суви дабови гранчиња, ги ставаат во огништето и пеат обредни песни. Домаќинот ги дарува со костени, ореви јаболка и други слатки работи а ги послужува со варена пченка.
жар пилци, жар јајца, квачка со пилци, кокошките да носет јајца, надвор да пасет, внотре да носет, мошки дечиња, женски телчиња, јаганчиња и ждрепчиња
(Обредна песна што се пее на Летник на изворен Јабланички дијалект)
Се смета дека овој празник е продолжение на стариот македонски празник Ксантика кој што се прославувал во време на Древна Македонија, а како доказ за тоа се сличноста во одредени моменти дури и идентичноста на некои обичаи.
За Лазарици групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ селото и пеат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот , семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје , успех и напредок.
Велигден, во Јабланица се прославува трите дена. Првиот ден се оди во соборната црква Св. Илија и се посетуваат сите куќи во Горна Маала од жителите од другите маала. Вториот ден се оди во црквата Пресвета Богородица во Топлец и се посетуваат сите кои што гравитираат на тој дел. Третиот ден се посетува црквата Св. Мартинија и жителите на Дејкоска маала. На вториот и третиод ден во попладневните часови се посетува местото Ориште што се наоѓа во Горна Маала.Таму се играат и пеат народни ора и песни а, постојат и натпревари во народни селски игри како форљање камен и гожба.
Празникот Св. мч. Сава Стратилат или народно познат како вториот ден на Ѓурѓовден во селото Јабланица се празнува, со одење по крсти по сите цркви што се наоѓаат во склоп на селото, а потоа се пречекуваат гости на ручек од соседните села. Во попладневните часови се оди на Ориште и се организира веселба.
Празникот Слегувањето на Св, Дух (Дуовден) по многу нешта е карактеристичен. Првиот ден, во раните утрински часови се оди во соборната црква Св. Илија и се носат оревови гранки, потоа се практикува еден ритуал досега не забележан во пошироката околина. Верниците собираат млади оревови плодови и се тепаат со нив. Процедурата се повторува три пати. Симболиката и потеклото на овој обичај најверојатно немаат христијански корени. После тоа се зема од претходно донесените оревови гранчиња и се посетуваат гробиштата на најблиските во црквата Пресвета Богородица во Топлец.
Третиот ден на Дуовден се оди по крсти почнувајќи од црквата Пресвета Богородица и се посетуваат сите цркви во селото. Во црквата Св. Илија Горен се организира скромен ручек. Во текот на целиот пат се пеат обредни песни чија што цел е молбата кон Бог за просперитет на селото.
За празникот Илинден посветен на пророкот Св Илија, нацонален празник на Македонија и празник на селото Јабланица (селска слава) нема некои посебни обредни активности, освен посетата на двете цркви Св Илија. Во предвечерјето на празникот во домовите на Јабланичани се послужува вечера за гостите, а на празникот се послужува ручек. Интересно е да се напомене дека на празникот се одржува традиционален маалски турнир во мал фудбал во местото Ливаѓе
Својата почит кон Св. Илија, заштитникот на селото Јабланица, селаните ја изразуваат со организирање на народно-црковен собир во манастирот Св. Илија високо во планината. Настанот се организира првата Недела после верскиот празник Крстовден. Подготовките за организирање на празникот се вршат неколку недели однапред, а организацијата секоја година и припаѓа на друга маала од селото. На овој празник манастирот е посетен од илјадници жители од околните села и градови. Послужувањето на ручекот се врши во просторот пред црквата по одреден редослед, односно прво се послужуваат туѓоселаните, односно посетителите кои не се од Јабланица.
Ова е само еден кус приказ на практикувањето на еден дел од обичаите поврзани со прославувањето на верските празници. Меѓутоа не треба да се заборави дека Јабланица претставува една своевидна ризница на богатсво на народна култура и традиција, нешто што допрва треба да се открие и претстави во вистинско светло.