Дали сте знаеле дека ...
...Јабланичанката Елизабета Пејчиноска успешно ја гради својата актерска кариера во Холивуд. После завршувањето на Краус Конзерваториумот во Виена и многубројните улоги во Националниот Театар од Виена, Елизабета во 2007 го сними филмот Revanche кој што беше номиниран за Оскар во категоријата за филм од неанглиско говорно подрачје.
После тоа се преселува во Лос Анѓелес, Калифорнија каде што играше во филмот Jackrabitt во режија на Дајан Амбрусо. Освен што работи на неколку куси филмови се јавува и како автор и продуцент на еден краток филм Beverly Hills Rehab.
4 декември 2012 год.
Празникот „Воведение на Пресвета Богородица“ Пречиста во село Јабланица
Празникот „Воведение на Пресвета Богородица“ помеѓу народот познат како Пречиста е еден од најголемите христијански празници, поопширно за празникот може да прочитате ОВДЕ
Во Јабланица со посебна чест и задоволство се празнува овој празник, особено затоа што тој е „куќна слава“ на повеќе од половината на жителите на селото.
Празникот го прославуват родовите: Аџиовци, Белковци, Будиновци, Белкоќевци, Домазетовци, Деспотовци, Лековци, Петровци, Долинци, Шиниковци, Поповци, Палиовци, Алачковци, Шикулевци, Кајшовци, на сите им го честитаме празникот.
Церемонијата на празнувањето почнува ден порано со „сечење леб“ и посета на гробиштата. Вечерта спроти празникот и на празникот се служи посна трпеза ( посен грав и риба).
Денеска е прекрасен сончев ден во Јабланица, можност за посета на роднините и пријателите и едно фото сафари во зимски амбиент.